Зголемување на бројот на лажните вести во пресрет на претседателските избори, а за време на кампањата, која официјално стартува на 1 април, очекува професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска Недиќ, која во интервју за МИА вели дека нашите граѓани имаат среќа што живеат во мало општество, во кое полесно се проверуваат информациите, функционира интерперсоналната комуникација и се уште централните ТВ дневници се главен извор на информирање.

За феноменот лажни вести, нивниот историјат, целта поради која се шират и од каде најчество потекнуваат, а сето тоа во контекст на претседателските избори разговаравме со професорската Бачовска Недиќ, во интервју што го направивме пред нејзините студенти на Правниот факултет.

Таа нагласува дека лажните вести се еден тежок социолошки-правен феномен, но напоменува дека тоа е цената на слободата на изразувањето, која ја овозможија новите медиумите.

Како човек од академската фела која ги следи политичките случувања во земјава за овие претседателски избори не очекува поразлична кампања од претходните, напротив очекува црна кампања, дискредитации на лична основа, а сето тоа според неа меѓу другото се должи на ниското ниво на политичка култура во земјава.

Во борбата против лажните вести спас гледа во медиумската писменост, но и во се поголемата професионализација на новинарската професија.

Неодамна студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во пресрет на претседателските избори испратија порака „Информирај, не манипулирај!“ Може ли да ни кажете нешто повеќе за оваа активност?

На 7 март имавме еден настан, кој предизвика внимание во јавноста и тоа ни беше цел. Целта беше студентите по односи со јавност и новинарство не само како студенти, туку и како млади луѓе, граѓани на ова општество да испратат поширока порака до јавноста и до својата професија, луѓето кои се во новинарството и односи со јавност во пресрет на претседателската кампања, со еднa желба за етаблирање на своите професии. Професијата односи со јавност во Македонија е малку проблематично етаблирана, не до крај е сфатено што претставува како активност, станува збор за една сложена социолошка и социопсихолошка активност, која треба на некој начин да работи на стратегиски комуникации во јавните институции, во бизнис секторот, во политиката. Настанот под мотото „Информирај, не дезинформирај!“ се состоеше од една симулирана дебата, во која се спротивставија новинари спроти Пи-Ар и беше дел од рамките на еден проект кој веќе шест месеци го работевме на факултетот „ Не биди медиумска мета“ во рамки на нашите залагања за медиумската писменост, проект поддржан од ЕУ. Морам да ви кажам дека овие проекти многу ни помагаат да им понудиме нешто дополнително на нашите студенти. Се она што не можеме да го понудиме во конвенционалниот систем на образование на некој начин го добиваме борејќи се да добиеме една ваква поддршка пред се од ЕУ, британската Амбасада и други фондации, кои имаат добра волја за демократизација на нашето општество.

Каква кампања очекувате?

Да ви кажам искрено како човек кој од академски аспект се занимава со оваа работа не очекувам некоја поразлична кампања од претходните. Не чувствувам дека сега ќе имаме поинаков амбиент. Она што ни го понуди предкампањата многу наликува на она што го имавме на претходните парламентарни избори. Очекувам црна кампања, хаотична кампања, негативна кампања, кампања со дисквалификации, неорганизирана кампања, бидејќи не знам колку нашите кандидати располагаат со квалитетни тимови, кои можат да ја организираат таа кампања и да ја стишат онаа галама која се создава на социјалните мрежи.

Каде е проблемот тука, можеби во политичката култура, колку е таа на некое соодветно ниво да знаеме опонентот да го дисквалификуваме во неговата професионалност, а не да се навлегува во лични моменти?

Еден од факторите е политичката култура, политичката социјализација, која е нивелирана и на глобално ниво. Но убаво кажавте политичката култура е еден од факторите, кои ни диктираат каква кампања ќе имаме. Но тука не мисам на политичката култура само на општеството глобално, туку и на политичката културата на самите политичари, на луѓето, кои се во процесот. Во целиот тој процес треба да се покаже и некаква социјална и општествена одговорност. Ние сме едно проблематично транзиционо општество, кое 27 години не може да ја заврши транзицијата. И тука пред се политичките партии цело време треба да покажуваат една општествена одговорност, па и во рамките на кампањите да покажат едно ниво. Сега имавме една голема политичка криза, која во Македонија траеше пет години и навистина овој момент треба да се вложи енергија барем преку кампањите да се почне нешто поинаку. Во однос на моите очекувања секако не очекувам нешто радикално поразлично од ова што го гледам досега.

Имавме наплив на лажни вести изминатиот период, киднапирања, вадење органи, затруена вода во Рашче, нејасни соопштенија за можни терористички напади…Какво влијание имаат лажните вести врз обичниот граѓанин?

Лажните вести се феномен што не можеме да го врземе само со Македонија. Го врзуваме за една нова комуникациска средина на глобално ниво. За лажни вести почна да се зборува за време на политичката кампања 2016. за Брегзит и за време на претседателските избори во САД кога во изборната трка беа Клинтон-Трамп. И тогаш почна целиот тој хаос, што се случува во областа на комуникациите да се користат тие лажни вести. Пред пет, шест или десетина години терминот беше спин, сега имаме фејк њус. Лажна вест е еден факт што е лага. На пример, прогласувате една личност за мртва, иако таа е жива. Отсекогаш постоела лага во медиумите, но сега социјалните мрежи ни даваат една идеална средина, една лажна вест, да вирее, да ја споделуваат. Разни истражувања покажуваат дека луѓето можеби од каприц ненамерно споделуваат лажни вести и така се создава еден амбиент на дефокусација на јавното мислење, затоа што целта на една лажна вест е не да ви го промени ставот, туку да ви го тргне вниманието од една на друга страна. Има многу лажни вести. Во Македонија, исто така, на социјалните мрежи има многу лажни вести. Тука проблемот е и во знаењето на публиката и со етика на публиката. Од една страна да видам дали тоа е лажно или не, од друга страна етика дали јас ќе споделувам или ќе лажам на Интернет. Лажните вести се еден тежок социолошки-правен феномен. Тоа е цената на слободата на изразувањето, која ја овозможија новите медиумите.

Кој продуцира лажни вести, можеби одредени центри на моќ. Кои се нивните цели?

Секој може да биде креатор на лажна вест. Треба да имаме волја и мотив за затоа, можат да бидат центри на моќ, различни ПР кујни тоа го прават, затоа тука треба да се има одговорност тоа да не се прави. Лажните вести се многу опасни.

Како влијаат врз обичниот граѓанин?

Создаваат различни негативни амбиенти, на пример можат да бидат причинско-последични со говорот на омраза. На пример ако имате лажна вест дека мигранти силувале едно девојче, вие каква атмосфера правите или ако имате лажна вест дека определен воен сојуз бомбардирал една држава, веднаш создавате една клима на омраза, на политичка нетолеранција да ги напаѓате другите, создаваат една неубава социјално и социополитичка клима на ароганција, нетолеранција. Пред се тука е загрозена една од основите вредности на демократијата, а тоа е политичката толеранција. Современата демократија нејзиниот вистински фокус е дали ги имаме демократските чувства во нас, односно дали сме политички толерантни, дали сме политички ефикасни, дали го имаме чувството дека ние можеме воопшто нешто да одлучиме во ова општество. Ако некој ни ги дроби овие чувства ние не живееме во демократско општество. Ако јас го немам чувството на политичка ефикасност дека јас одлучувам за овој мој град, за ова мое општество, јас живеам во едно недемократско општество. Лажните вести можат да креираат такви ситуации, тука е проблемот на политичката култура, проблемот на медиумската одговорност.

Дали сметате дека тој феномен на лажни вести треба институционално или вонинституционално да се регулира?

Лажните вести најмногу си добиваат средина во новите медиуми, онлајн медиуми. Тој простор не треба да се регулира. Западната демократија има чист и изграден став дека појавата на новите медиуми, медиумите кои ги изгради интернетот, социјалните мрежи, блогови, портали, тие донесоа една нова демократска клима. Мали се трошоците да бидете говорник, монополизацијата на традиционалните медиуми се намали. Тие се драгоценост, меѓутоа почнаа да ги пројавуваат и своите нус појави. Ние на поинаков начин треба да се бориме и да работиме со лажните вести и во контекст на таа медиумска одговорност. Прво треба да имаме етаблирање на јавното информирање, секој кој сака да се регистрира како медиум да го стори тоа и секој медиум треба да има еден висок интегритет, јас знам дека она што ќе го слушнам на некој релевантен медиум , што ќе го прочитам во некој весник не смее да е лажно, таму има институционална одговорност. Имаме главен уредник, физичка адреса, знам кого можам да го тужам за тоа. Таму има некој кој одговара за некоја информација, дезинформација, лажна вест. Значи треба да се регулира јавното информирање. Треба да имаме медиумското законодавство кое добро ќе ги дефинира работите, ќе ги омеѓи медиумите. Овој медиум е таму и може да му се верува, овој е слободен. Треба да имаме добри закони што ќе бидат потпрени на европските вредности, шти ги имаме во директивите и регулативите и тоа да го преточитаме во нашето законодавство. Тука се и професионалните стандарди во новинарската професија. Новинарството треба да се етаблира, не да се регулира, да имаме една јака професија, заштитена од синдикати, преку квалитетни новинарски здруженија, квалитетен кадар, да имате филтри, најпаметните луѓе да ви бидат таму. Кога ќе имам еден добар текст, што ќе го прочитам, може ли да читам на статуси на социјални мрежи. Еве во контекст на претседателката кампања ако ми понудат, ако имам едно перфектно интервју со еден претседателски кандидат, ќе паднат сите оние блогови, портали, кои се занимвааат сега на пример со едниот од кандидатите, на пример дека нејзиниот син свирел на кавал, што според мене е несуштински. Новинарите треба да се занимаваат со суштинската проблематика, што нуди кандидатот, институцијата претседател, истражувачко новинарство, една квалитетна статија, каква позиција има претседателот во државата.

Професорке обичните граѓани како повеќе да се ловат на ваквите дискредитации на лично ниво?

Тоа е сензационализмот, кој секогаш ќе остане, тука треба да се работи на медиумската писменост кај обичните граѓани. Преку системот на образование да имаме свесни граѓани. Уште кога бев помлада купив книга од еден француски автор Жан Гоне на Саемот на книгата во Белград на темата медиуми и образование и уште тогаш дознав дека ‘60-те години европските земјите работат на тој проблем. Уште во личното и професионалното комуницирање еден човек треба да се научи да рангира вести, кои алатки да ги познава. Тоа ние треба да го учиме во училиште. Тоа треба да го учат сите, да се почне од основното образование, да го осовремениме образованието, да го внесеме ова знаење во образованието. Тоа е проблем на педагозите како ќе го направат тоа во Македонија. Не треба да научите само да работите на компјутер. Треба да развивате критички став кон сите информаци, кон се што доаѓа, зависноста од игри, кои филмови да ги гледам, како хорор филм да не ни создаде некои психолошки пореметувања. Медиумската писменост е еден комплексен проблем и треба образование уште од мали нозе. Концептот почнува од пет години. Во европските земји децата тоа го учат уште во градинка.

Кои земји може да ги посочите како земји кои ја вовеле медиумската писменост од почетокот на образованието?

Холандија, Шведска, Германија се добри примери. Германија поучена од она што се случуваше во Втората светска војна во нивните наставни програми уште во ‘80 години има како да се заштитите од потрошувачкото општество, од реклама. Тука мора да се спомене и дигиталната писменост, таа е една од осумте компетенции за доживотното учење во Европската унија. Тоа ние треба да го правиме преку Министрството за образование, преку Бирото за развој на образованието. Имаме многу квалитетни луѓе, кои работеа на многу сериозни проекти и треба нашите институции да се отворат и побрзо да реагираат на тие препораки.

Дали наидувате на разбирање во Министерството за образование колку е важно овој предмет да се воведе од прво одделение. Дали постои реална можност тоа да се случи во скоро време?

Ако зборуваме индивуално, а не системски, сме се сретале со некои луѓе од министерството и се е супер, има желба. Меѓутоа, не се прави ништо. Системот се уште нема одговорено онака како што треба да се одговори на овој проблем. Инаку сето ова не е само во образованието и затоа дигиталната писменост како последен сегмент на медиуската писменост е ставена во темелните компетенции за доживотно учење. Еден човек додека е жив и на 65 и на 70 години треба да се обучува да биде дигитално писмен. Тоа не важи само за политиката, ние најмногу зборуваме за политика, но лажни вести има и во економија и во шоу бизнисот. Тука е и заштитата на личните податоци, како да ја дозирам својата приватност на мрежите, тоа е голем свет, не е само политиката. Треба многу сериозна работа во психолошките профили на луѓето, бидејќи живееме во медумско време. Двајца родители седиме дома со телефоните и детето е со телефон, имаме еден друг амбиент. Ние мораме како општество да знаеме како да се однесуваме, да видиме што добиваме, а што губиме.

За крај би сакала да ни кажете како обичниот граѓанин да препознае лажна вест за време на претседателската кампања, но и воопшто?

Сега ќе има многу лажни вести во пресрет на изборите. Ние имаме среќа што сме мало општество, полесно се проверуваат информациите, функционира интерперсоналната комуникација. Се уште сме патријархални и се уште телевизијата ни е главен извор – централните ТВ дневници, со тоа на некој начин се заштитуваме. Нешто што ќе блесне како лажна вест, таа кусо живее, секако ќе има и поструктурни лаги за кои ќе треба време да ги откриеме. Да провериме повеќе извори за некоја вест, го имаме и тој политички плурализам. Во најновиот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права е утврден одреден баланс на позициски и опозициски медиуми со иста силина и во тој дел ќе можеме да ги споредуваме вестите, да гледаме повеќе информативни програми и да бидеме малку поскетични, да развивавме една скептичност. Таа скептичност, аналитичност и критички став мора да го градиме.

Ана Цветковска