Македонско-бугарските односи влегоа во нова фаза по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во август 2017 година во Скопје, кој создава основа за своевидна ренесанса. Какви се резултатите статистички во однос на неговата имплементација на севкупно ниво и на кои области може да се работи повеќе?

-Јас мислам дека тоа е нова страница, и таа е најбитна не само за државите, туку и за регионот во целост. Тие резултати ги имаме во повеќе области. Една од нив е економијата, каде што гледаме дека има зголемен интерес за инвестиции. Само за оваа година, во јануари направивме голем бизнис-форум тука, во Скопје, на кој се обратија вицепремиерите Томислав Дончев и Кочо Анѓушев, а учествуваа над 100 компании. Се надеваме дека некои од овие фирми, од двете страни, ќе најдат интерес за соработка преку заедничко вложување или во трговијата.

Она што државите можеа да го направат и го направија е што во почетокот на март беше одржан првиот состанок на Мешовитиот комитет за економнска соработка, кој се немаше состанато 11 години. Тоа е меѓувладино тело, ги вклучуваат администрациите во областа на транспортот,екологијата, земјоделството и други сектори. Сите тие работат на тоа да утврдат каде има можности за соработка и каде се можни заеднички проекти. Тоа се активности на државата, која создава услови за да може бизнисот да работи. Тука гледаме тренд на раст на трговската размена, но има простор уште да се работи, бидејќи постојат силни перспективи. Во моментов трговската размена е на ниво од 2011 година, коe почна да опаѓа поради познати околности, меѓу кои и светската финансиска криза. Но, сега се враќаме на тоа ниво и треба да работиме на постигнување една милијарда евра. Тоа е клучно, а тука е и психолошкиот праг и за да го надминеме потребна ни е таа милијарда трговска размена, која ја најавија двајцата премиери.

Друга област е туризмот, каде што гледаме резултати, раст над 10 проценти. Во 2018 година вкупно околу 980 илјади граѓани од двете земји биле во туристичка посета. Тука, исто така, психолошкиот праг е да се постигне милион и се надевам дека во 2019 година ќе го поминеме тој праг со посета на милион туристи. Тоа е добро и за двете економии и најмногу за граѓаните за да се запознаат подобро и да комуницираат, а со тоа ќе тргне и бизнисот.

Трето поле е културата. Само во оваа година потпишавме програма за културна соработка, а беше подготвена и изложбата за Требениште, која ја сметаме за големо постигнување, бидејќи првпат три музеи – Скопје, Софија и Белград успеваат заедно да работат и да презентираат еден ваков вреден проект. За самите археолози изложбата беше голем празник.

Тука е и нашата поддршка за евроинтеграциите и за НАТО. Бевме меѓу првите земји членки што го ратификуваа протоколот за НАТО. Во однос на евроинтеграцијата, за време на нашето претседавање ние повторно го вративме вниманието на регионот, како и со Софиската декларација од 2018 година. Сметаме дека примената на Софиската декларација треба да продолжи и тука продолжуваме да бидеме активни. Верувам дека на крајот на романското претседавање ќе имаме некаков добар резултат.

Економијата и трговската размена се во фокусот на интерсите на двете земји. Колку се прави за поттикнување на трговската размена и привлекување инвестиции меѓу двете земји?

-Покрај бизнис-форумот и состанокот на Мешовитиот меѓувладин економски комитет, каде што се насочени напорите на државите, се надеваме големи фирми од Западна Европа и од Америка да влезат во двете земји. Интерес има кај софтверските производи. Тука е присутна фирмата „Мусала софт“, која отвори значителен број нови работни места во областа на новите технологии. Исто така, значаен е и Коридорот 8. Тоа е приказна за која говориме веќе втор век, кој конечно треба да почне да работи. Тука гледаме дека се најдоа пари за железницата од Скопје до границата. Софија има да доизгради само два километра. Треба да се поврзат и нашите автопатишта. Коридорот 8 е клучот. Ако ја направиме инфраструктурата, ќе има и повеќе туристи и повеќе бизниси. Тука ги вклучувам и дигиталната агенда и изградбата на новата 5Г-мрежа за побрз широкопојасен интернет. Очекувам железницата да профункционира за 5 – 6 години, како што најавија ресорните министри на двете земји. Од заедничката комисија произлезе и едно важно решение за отворање на чартер авиолинија која ќе ги поврзува Охрид и Варна.

Формирањето на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања што е обврска од Договорот за добрососедство, чија цел е надминување на разидувања во историографиите на двете земји, кои досега ги оптоваруваа билатералните релации, но и идните генерации да се образоваат без да бидат заложници на историјата. Стигнаа и првите препораки за заедничко славење одредени личности. Како ја оценувате работата на Комисијата и колку е таа значајна за градење доверба меѓу двете земји?

-Апсолутно сум согласен дека оваа комисија е значајна. Главното е да се работи на вистината. Така е наведено и во Договорот дека тие треба да најдат решенија што се темелат на автентични докази засновани на историски извори. Сметам дека тука имаме добра основа и се надевам дека со оглед што од двете страни се ангажирани добри експерти ќе се дојде до резултат што ќе биде доволно видлив и нема да создава нови колизии, туку напротив, ќе ги решава сите проблеми што постојат.

Бугарија беше четврта држава што го ратификува протоколот за нашето членство за НАТО – наша стратешка цел од осамостојувањето. Колку е значајно членството за земјата гледано од перспектива на бугарското искуство, со оглед дека сте членка на Алијансата веќе 15 години?

НАТО означува сигурност која е клучна за привлекување странски инвестиции. Нашето искуство покажа дека членството во НАТО е факторот кој што придонесе низа на големи компании да ја изберат Бугарија. Безбедноста е еднаква на предвидливост, а предвидливоста создава просперитет и тоа се докажува од нашето 15-годишно членство.

Софија дава и силна поддршка за нашите евроинтеграции. Може ли да се надеваме на датум за старт на преговорите на јунскиот самит имајќи ги предвид статусот со реформите во земјава и скептицизмот и популизмот во Унијата во однос на процесот на проширување?

-Одговорот на ова прашање е многу комплексен бидејќи имаме многу фактори. Од една страна, го имаме брегзит и целото внимание во моментов е на брегзит. Потоа дефинирањето на Повеќегодишната финансиска рамка, односно Буџетот на ЕУ, за што се водат големи дебати во Унијата, за тоа колку пари и каде да бидат насочени. Тука се изборите за Европскиот парламент, кои ќе видиме каков резултат ќе дадат. Затоа и извештаите за Република Северна Македонија и за Албанија ќе бидат објавени по изборите за ЕП, за да не бидат искористени во кампањата. Тоа мислам дека е добро и за вас, затоа што добивате дополнително време за да ги завршите своите задачи. И кај вас ќе има избори и вие сте фокусирани на нив, што е нормално, но треба да има резултати. Ние сме ваши поддржувачи и сме посветени на имплементацијата на Софиската агенда, но потребни ни се аргументи за уште посилно да се заложиме за вас, а тие аргументи можете само вие да ни ги дадете ако си го завршите вашиот дел од работата. Правецот е правилен и добар, останува да се завршат уште неколку работи. Тоа се фер и демократски избори, кои се клучни за целиот процес, како и законите што Собранието треба да ги донесе за да може да бидат содржани во извештајот, за и скептичните држави да бидат убедени дека вие произведувате реформи.

На 15 март во Скопје беше отворена изложбата од исклучително значење „100 години Требениште“ во Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, која првпат на едно место донесе артефакти за овој археолошки локалитет од националните археолошки музеи на Северна Македонија, Бугарија и на Србија. На отворањето се обрати премиерот Зоран Заев, а присуствуваше и бугарскиот министер за култура Боил Банов. Како ја оценувате културната соработка меѓу двете земји?

-Културната соработка е добра, но уште може да се работи на неа. Ние работиме на доста проекти. Веќе следната недела, на 2 и 3 април тука ќе дојдат околу 350 деца од Бугарија за фолклорен фестивал. Тоа, од една страна, е културна соработка, од друга е туризам, но секако може да го сметаме како напредок. Културата, се разбира, е клучна. Има многу ваши актери кои дипломирале на нашата академија и тие врски треба да ги продлабочиме меѓу театрите. Можеби да направиме и некои заеднички филмски проекти. Во литературата книжевниците имаат воспоставено добри врски, правиме и добри изложби меѓу сликарите. Така што културната соработка си се одвива, оти уметниците немаат граници.

Бугарската амбасада има значајна активност и во делот на социокултурната сфера со проекти и донации особено во образованието и во здравството.

-Тоа се ангажмани што ги правиме како земја членка на ЕУ. Само за последните 5 – 6 години се дадени над 500.000 евра за различни проекти. Дониравме специјално возило за болницата во Струмица. Во Скопје реализиравме проект за изведба на енергетски ефикасна фасада на Основното училиште „Димитар Миладинов“, вреден 135 илјади евра. Посебно сакам да се навратам на проектот за децата со аутизам. Заедно со НВО „Во мојот свет“ направивме еден дневен центар во Скопје во кој се згрижуваат, односно се работи со деца со аутизам во рана фаза, проект со вредност од над 100.000 евра.

Кои проектни активности ќе ги спроведе Амбасадата во следниот период?

-Во вторник, 2 април, е Светскиот ден на аутизмот. Ние заедно со НВО „Во моjот свет“ заедно со Владата и со општините в понеделник во 20:00 часот ќе го одбележиме со осветлување во сина боја на зградите на Владата, на Археолошкиот музеј, на МОБ, објектите на општините Тетово, Битола и Охрид, со што ќе ја покажеме нашата солидарност со децата со аутизам. На 2 април, пак, на самиот ден децата од Бугарија, кои ќе учествуваат на фолклорниот фестивал во Охрид, на кејот покрај Охридско Езеро ќе пуштат сини балони во знак на солидарност со децата со аутизам. Ќе биде отворен и нов, втор центар за ран третман на деца со аутизам, кој ќе може да го посетуваат деца од западниот дел на државава. Веќе се работи и на реновирање на просториите на центарот, кој е сместен во Одделот за педијатрија во Општата болница во Охрид. Се надеваме дека до крајот на септември или октомври ќе почне со работа. За овој проект се издвоени 102.000 евра.

Виолета Геров