Граѓаните не се еуфорични пред овие претседателски избори како ни пред ниедни други претходно, од едноставна причина што претседателот го бираат самите граѓани и има најголем легитимитет, а нема ингеренции доволно односно моќ- вака аналитичарот Владимир Божиновски и координатор во ИПИС го објаснува релативно мирното расположение како кај јавноста така и кај кандидатите. Тој не смета дека бојкотот ќе биде од страна опозицијата во вториот круг, како што деновиве прогнозираат аналитичари.

-Бојкотот дури и да се случи во вториот круг не е условен од повик за бојкот од едната или другата страна. Едноставно самите граѓани, ако видат дека нивниот кандидат губи во првиот круг, губат стимул да излезат во втор. Легитимитетот на избраниот претседател е многу посилен отколку неговите надлежности. Мислам дека тоа треба да се разговара во иднина, да му се зголемат надлежностите на претседателот и да биде вистински баланс на власта, затоа што сега реално не може да биде. Кој и да е власт, кој и да е претседател, баланс немало. Лично сметам дека повеќе би одговарало посилен претседател кој ќе може да контра тежа на која и да е власт, да биде гласот на разумот, смета Божиновски.

Според него, Силјановска и Река можат да се наречат независни кандидати, додека пак за Пендаровски не може да се каже истото.

-Ние можеме да говориме дека господинот Река е независен кандидат поддржан од Алијансата на Албанците и Беса, Силјановска е независен кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, оти тие не биле дел од тие политички партии ниту од таа политичка гарнитура. Додека пак Стево Пендаровски беше кандидат за претседател на СДСМ во 2014 година, носител на изборна единица 1 во 2016тата година со тоа тој не може да биде независен кандидат, додава Божиновски.