За Планот за одржлива урбана мобилност на Општина Велес, општината заедно со кунсултантската фирма „АПИА“ од Љубљана започна со подготовка на документот на почетокот на годинава, а документот ќе биде вклучен во урбанистичките и финансиските планови на Општината до 2030 година.

Предмет на Планот за одржлива урбана мобилност не се нови патишта, крстосници, паркинзи или инфраструктура, туку промена во навиките на патување и планирање на одржливи мерки за луѓето, а не за возилата. Одржливото и транспортно планирање значи движење на одржлив начин, што преставува пред сé: пешачење, возење велосипед и користење на јавен градски патнички превоз. Тоа значи обезбедување ефикасен и еднаков пристап за сите групи на население, со акцент на ограничување на индивидуалната употреба на моторизираниот сообраќај и промовирање на одржливи начини на превоз.

Планот за одржлива урбана мобилност треба да се донесе на седница на Советот на Општина Велес до јуни годинава.

Како што информираат од Општина Велес, Планот за одржлива урбана мобилност, ќе биде стратешки документ со кој Општина Велес ќе постави ефикасен редослед на мерки и активности во областа на сообраќајот, насочени кон постигнување на повисоко ниво на уредување на сообраќајот по мерка на луѓето, како и зголемување на квалитетот на живот во општината.

- Визијата преставува камен темелник на Планот за одржлива урбана мобилност и основа за следните чекори. Во продолжение треба да подготвиме акциски план што содржи детален список на мерки и преставува основа за изведување и имплементација на Планот за одржлива урбана мобилност. Воедно и утврдување на паметните цели на Планот, начинот на следење на мерките и усвојување на Планот за одржлива урбана мобилност, информираат од Општина Велес.