Пролетна акција за заловување кучиња скитници се спроведе денеска во Македонска Каменица. Активноста, како што информираа од Општината, се спроведе како дел од договорот склучен меѓу Општината и ВСЦ „Тодор Ангелов“ од Куманово.

– Ветеринарната служба задолжена за заловување на кучиња скитници на територијата на Општина Македонска Каменица, врз основа на претходно склучен договор за услуги, во денешната акција успеа да залови вкупно десет кучиња скитници. Во понатамошниот третман тие ќе бидат сместени во стандардизирано прифатилиште, како и третирање со вакцинација и кастрација, соопштија од Општината.

Оттаму ги замолуваат жителите да го пријавуваат присуството на кучиња скитници, за да бидат навремено третирани и со тоа да се одбегнат несакани последици по здравјето и безбедноста на граѓаните.

За заловување на кучиња скитници, Општината за склучениот договор со ВСЦ „Тодор Ангелов“ од Куманово издвои 295 илјади денари.