Брод на германската хуманитарна група „Морска стража“, кој од либиските територијални води спаси 64 мигранти, моментално нема дозвола за закотвување, соопшти денеска организацијата.

„Морска стража“ на Твитер објави дека бродот, кој го надгледува централен Медитеран, од гумен чамец спаси десет жени, пет деца и едно новороденче.

Акцијата за спасување е изведена кај либискиот град Зуварах, а групата претходно се обидела да ги контактира либиските власти.

Организацијата бара Италија или Малта да дозволат спасувачкиот брод да се закотви.

Двете земји досега одбиваа да примаат бродови на хуманитарни групи кои патролираат по Медитеранот.