Седум сточари од кумановскиот регион досега аплицирале за инвестиции за набавка на добиток од увоз и од признати организирани одгледувачи, односно за мерката 121 од Програмата за рурален развој, информираа денеска од регионалното одделение на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјодлеството.
Оние кои поднеле барања се долгогодишни сточари од Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
-Рокот за аплицирање завршува на 11 април годинава. Очекуваме дополнителни апликанти, бидејќи доаѓаат сточарите кои се заинересирани за набавка на јуници, со педигре, исто машки и женски, овци и кози, изјави раководителот на регионалното одделение, Џабир Рамадани.
Тој ги повика заинтересираните сточари да се обратат до канцеларијата и да побараат помош од стручните лица ако имаат какви било недоумици околу документацијата и програмата.
Со поддршката, сточарите можат да набават високостелни јуници, машки и женски приплодни грла овци и машки и женски приплодни кози.
-Сточарите треба да поднесат апликација, а доколку им се одобри барањето им се враќаат педесет проценти од вложените средства за набавка на добитокот, објасни Рамадани.
Максимална вредност на прифатените трошоци по поединечен корисник изнесува 6,5 милиони денари