Меморандум за соработка потпишаа денеска Министерството за земјоделство и земјоделско-шумарското училиште „Ѓорче Петров” од Кавадарци. Соработката предвидува обуки, размена на информации и активности, особено во делот на шумската полиција.

-Почна работата на работните групи во делот на дефинирање на договорите, колективниот договор кој треба да го анализираме и да го имаме меѓу Министерството и синдикатите. После долг временски период активно работиме на набавка на опрема за шумската полиција и подигнување на статусот, рече министерот Љупчо Николовски, нагласувајќи дека ваквите училишта во минатото немале доволно поддршка од државата.

Во сегашната петгодишна Програма за рурален развој, но и во годишните програми, предвидени се мерки за поддршка. Во делот на инфраструктура, опрема и капитални инвестиции. Целта е, истакна Николовски, младите да се запишуваат во ваквите училишта и факултети.

Директорот на училиштето, Горан Велковски изрази задоволство од потпишувањето на Меморандумот, кој меѓу другото значи и заштита на шумите во земјава.

Задоволство од соработката изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. – Од клучно значење е овие училишта со стручна спрема да имаат поддршка од Владата и Министерството, нагласи Јанчев.