Крушево од 26 мај до 1 јуни ќе го организира Светскиот куп во параглајдерство насловен „Пролетен меѓународен куп Крушево 2019“. Купот е во рамките на проектот Локална и регионална конкурентност, дел од ИПА 2 програмата на ЕУ, потпроект „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“, информираат од крушевската локална самоуправа.
Покрај натпреварувачки карактер, ова меѓународна манифестација има и едукативен карактер. Повеќе светски параглајдеристи ќе го посетат Крушево, од професионалци до аматери. Се очекува да учествуваат од 120 до 150 параглајдеристи, а градот очекува повеќе од 500 посетители поради параглајдинг-натпреварот.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека општината продолжува со имплементацијата на овој проект за развој на авантуристичкиот туризам во Крушево со дополнителен поттик за зголемувањето на бројот на посетителите.
-Светскиот куп во параглајдерство ја збогатува понудата за посетителите и Крушево го издигнува местото на мапата на авантуристичките туристи од целиот свет, вели Христоски.
За потребите на потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристички туризам во Крушево“ во моментов, локалната самоуправа работи на реконструкцијата на спортската сала, во набавката на комбе за параглајдеристите, опрема за спасувачите, изработка на интернет страница, апликација и на подготовката на промотивно видео.