На првата телевизиска дебата помеѓу кандидатите за Претседател на Македонија, Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река, кандидатот поддржан од ДУИ и СДСМ истакна дека меѓународната заедница е најзаслужна за решавањето на проблемот со името помеѓу Македонија и Грција.
Пендаровски напомена дека спорот бил асиметричен од самиот почеток, но оти со помош на големата поддршка од меѓународната заедница конечно е решен и двете земји постигнаа договор, а вратите на земјата за НАТО и ЕУ се отворија. Тој како ризично го оцени преотворањето на спорот и ја праша Силјановска дали планира тоа да го стори за да евентуално добиеме подобар договор.
-Од се ова теоретски е така , но практично да ве прашам, повторно ќе одиме пред Меѓународниот суд за правда и така ќе се обидеме да го оспориме Преспанскиот договор. 2008 тужевме, 2011 добивме кристално јасна правна пресуда во наша корист, што во политичка смисла направивме за тоа. И додека вие преку тие агенции за протокол на ОН и повторно преку меѓународниот суд за правда се обидувате да донесете подобар договор со Грција, што ќе правиме во меѓувреме нема да бидеме членка на НАТО, мислам дека е многу ризично дека и во оваа позиција тоа да го кажуваме, рече Пендаровски и додаде дека земјава за Договорот ја доби поддршката од светските сили, светските лидери.
Пендаровски нагласи дека се согласува со задолжителното меѓународно право, но напомена дека без поддршка од меѓународните фактори земјава не можела да дојде дури ни до некакво изедначување на преговарачките позиции.