Екипата на МЗТ Скопје го доживеа и третиот пораз во финалето на АБА-2 лигата, откако вечерва словенска Приморска славеше во Скопје со 61-66 (34-39) и обезбеди место во елитата наредната сезона.
Иако „металците“ покажаа подобра игра од првите две средби во Копер, сепак вечерва одиграа лоша втора и трета четвртина, во која постигнаа само 9 поени, што доведе до конечен пораз. Добрата игра во последите минути не беше доволна за МЗТ да ја забележи првата победа во финалната серија.
Најдобар кај домаќинот беше Бојиќ со 20 поени, додека Јагодиќ со 17 поени беше најефикасен кај победничкиот тим.
Македонскиот тим сепак има уште една шанса. Како второпласиран во АБА-2 лигата, МЗТ Скопје ќе игра бараж со Задар, кој заврши како претпоследен во АБА-1 лигата. Серијата ќе се игра во две добиени средби, а предноста на домашен терен ќе ја има хрватскиот тим.
Подобриот ќе добие шанса да се надигрува во првата дивизија од регионалната лига.