Состојбата со акумулациите од хидросистемот „Брегалница“ е стабилна, а со новиот доток на вода од речните притоки се очекува добар старт на сезоната за наводнување во источниот регион.
Во моментот во браната Калиманци се акумулирани 97 милиони метри кубни вода, а просечниот доток од реката Брегалница е 22 метри кубни во секунда. И покрај најавите за врнежи од дожд, не се очекуваат поголеми промени, но превентивно се испуштаат по околу десетина метри кубни.
Во акумулацијата Мавровица има над два милиона метри кубни, додека браната Гратче, која е со сличен капацитет, се наоѓа на максимална горна кота, односно на прелив.
– Со оглед што веќе е завршено расчистувањето и обновувањето на каналската мрежа и на речните корита, планираме водата за наводнување во оризовите ниви да ја пуштиме в среда, односно по верскиот празник Благовец, како традиција во кочанскиот регион. За почеток ќе ги зафатиме проточните води од реките, а капацитетот од акумулациите на хидросистемот ќе отпочне да се користи во мај, истакна Дени Митров, директор на водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани.
Со годишниот план за одржување на мрежата за наводнување и на речните корита во изминатиот подготвителен период исчистени се над 150 километри канали и вади во атарите на четирите општини во кочанскиот оризопроизводен регион.
Според најавите, годинава оризот ќе биде застапен на околу 4.400 хектари, што е зголемување за околу 20 отсто во споредба со минатата година.