Со изложба на опрема и дел оружје на АРМ, со впечатливата точка „Егзирцир“ на баталјонот за почести, со настап на воениот оркестар и крводарителска акција во Прилеп денеска беше одбележан Денот на НАТО и 70-годишнината од постоењето на Алијансата, во организација на Министерството за обрана и на Армијата, а во соработка со прилепската локална самоуправа.
Обраќајќи им се на присутните старешини, војници, на граѓаните, од платото пред Центарот за култура „Марко Цепенков, бригадниот генерал, заменик командант на здружената оперативна команда, Орце Јордев, нагласи дека нашата татковина нема друга алтернатива, освен членството во најмоќниот модерен систем за колективна безбедност, НАТО-Алијансата, кое, уверен е, ќе се случи до крајот на годинава.
– Процесите кои се отворија во почетокот на оваа година, претставуваат уште една потврда на намерата и посветеноста на нашата земја да продолжи да работи кон полноправното членство како наша најважна стратегиска цел за која длабоко сум убеден дека ќе се оствари до крајот на оваа година. Нашата татковина нема друга алтернатива, освен членството во најмоќниот модерен систем за колективна безбедност. НАТО не е само сојуз на држави со заеднички вредносен систем кој се базира врз консезуално одлучување, туку и алијанса на целосно независни држави кои постојат и одлучуваат како такви, истакна Јордев.
Откако целта за членство во НАТО ќе се постигне, додаде, тоа веднаш овозможува поставување нови цели, бидејќи само членството открива нови можности и станува средство за нивна реализација.
-Овде, на овој простор, има многу млади луѓе, полни со ентузијазам и посветеност за идејата на НАТО. Сигурен сум дека дел од овде присутните војници и старешини во блиска иднина ќе бидат на национални или на меѓународни позиции во НАТО, потенцира Јордев.
Прилепчани со голема љубопитност ја разгледуваа изложената опрема и дел оружје на Армијата, а посебен впечаток им остави точката „Егзирцир“ на баталјонот за почести предводени од капетан Златко Павловски. Според повозрасните прилепчани кои служеле воен рок, тоа е досега невидено и впечатливо. Пред прилепчани настапи и воениот оркестар.
Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во соработка со Црвениот крст беше организирана крводарителска акција на која доброволно се јавија голем број припадници на Министерството за одбрана, на Армијата и граѓани.