Нови профили нуди средното стручно училиште „Киро Бурназ“ од Куманово. Учениците кои завршуваат деветто одделение можат да бираат профил, со кој, според надлежните, ќе имаат поголеми можности за вработување откако ќе го завршат средното образование. Новите профили се согласно реформите што се воведуваат во средните стручни училишта во земјата.

Меѓу новите профили, училиштето нуди агротехничар, атехничар за агроменаџмент, техничар по ветеринарна медицина, техничар за фитофармација, градинар, цвеќар од земјоделско-ветеринарната струка. Од прехранбената насока учениците можат да одберат прехранбен техничар, техничар за козметички и хемиски производи, пекар, од хемиско технолошка струка, лични улсуги со техничар за козметичка нега и убавина и фризер. Машинската нуди два профили машински техничар за моторни возила и автотехничар.

– Овие профили се дел од дуалното образование кое е направено во соработка на Министерството за образование и наука, Стопанската комора, Бирото за развој на образованието, а целта е да се продуцира кадар, кој по завршување на училиштето ќе може полесно да најде работа, бидејќи овие кадри според барањата на реалниот сектор се потребни на пазарот на трудот, изјави директорката на училиштето, Весна Трајковска.

Новина е што учениците ќе имаат практична настава во сите смерови во реалниот сектор, а досега практичната настава, конкретно од ова училиште се изведуваше претежно во училиштето. На овој начин, учениците ќе стекнат вештини и знаења, што дополнително ќе придонесат за нивно полесно наоѓање на работа, штом го завршат средното образование. Во стручното „Киро Бурназ“ има место за 510 ученици од кои 374 во единаесет паралелки на македонски и 136 ученици за четири паралелки на албански наставен јазик.