Жителите на населбата Ново Делчево во попладневните часови останаа без вода за пиење. Причината за прекинот со водоснабдувањето е дефект на главната водоводна линија, информира директорот на Делчевското комунално претпријатие Стојче Стојковски.
-Го известуваме населението од населбата Ново Делчево дека поради сериозен дефект на главната водоводна линија, кој е лоциран до пумпната станица и е настанат под бандера на ЕВН, жителите на населбата Ново Делчево нема да имаат вода за пиење се до утре попладне, информира Стојковски.
Во моментов, додаде Стојковски, се чека екипата на ЕВН која треба да ја отстрани нивната инсталација, со цел да не дојде до поголема хаварија и на двете мрежи.
По отстранувањето на електричната инсталација на ЕВН, екипите на ЈПКД „Брегалница” ќе пристапат кон отстранување на дефектот по што, како што додаваат од претпријатието, во текот на утрешниот ден се очекува водоснабдувањето за населбата Ново Делчево да се врати во нормала. вс/вј/