Побарувачката на работници од градежниот сектор е зголемена за потребите на изградба на експресниот и останатите патни правци во Крива Паланка и Ранковце, а речиси и да нема невработени градежни инженери во општината, истакна градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски на денешната средба со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Увид во градежните работи на терен за изградба на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка извршија министерот Сугарески и директорот на ЈП Државни патишта, Зоран Китанов, најавувајќи ги и останатите неколку големи инфраструктурни проекти за унапредување на патната и железничка инфраструктура во државата.

Мицевски им се заблагодари на одговорните за, како што рече, досега невидените вложувања во инфраструктурата од осамостојувањето на државата.

– Крива Паланка е позната по неимарството и градежништвото, а во општината во Агенцијата за вработување во моментов нема невработени градежни инженери. Секојдневно комуницираме со изведувачите и подизведувачите, имаат потреба од возачи со Ц – категорија за товарни возила и возачи-управувачи со градежна механизација, а да не зборувам за општи работници. Градбите на терен влијаат во голема мерка на социо-економската состојба во општината и околината, рече Мицевски.