Алармантната состојба со депонијата за градежен шут „Ралова Чука“ во Делчево беше причината екипи на Јавното претпријатие „Брегалница” да започнат интензивна акција за нејзино расчистување.

Директорот на претпријатието Стојче Стојковски со апел до граѓаните совесно го селектираат и депонираат отпадот, бидејќи оваа депонија е наменета исклучиво за градежен шут.

-Поради очајната состојба на депонијата, Ралова Чука во чија близина се наоѓа голема количина на отпад од секаков вид, расфрлан и во околината на депонијата и на самиот пат, денес иако е неработен ден, решивме да преземеме итна акција за нејзино расчистување. Апелираме до граѓаните совесно да го селектираат и депонираат отпадот и на депонијата Ралова Чука да се депонира исклучиво отпад кој е класифициран како градежен шут. Другиот отпад граѓаните да го депонираат на соодветно место од каде истиот ќе биде подигнат од страна на вработените во јавното претпријатие, рече Стојковски.

Освен акцијата за расчистување на отпадот кај Ралова Чука вработени во претпријатието денес реализираа акција за чистење на планината Голак, во близина на ЈП Шумско Стопанство – Подружница Голак, во околината на соборниот храм Св.Кирил и Методиј како и на уште неколку локации во градот.

Со цел да се воспостави ред во користењето на депонијата Ралова Чука, како што истакнаа од општината ќе се засилат контролите, а за несовесните граѓани ќе се преземат казнени мерки согласно со законските прописи.