Трета годна по ред водокорисниците од дебрчките села Мешеишта, Волино, Климештани, Велмеј, Лешани и Издеглавје се соочуваат со неисчистени и нефункционални канали за наводнување.
Тој проблем што ги засега жителите на селата од Општина Дебрца кои преку каналите вршат наводнување на своите ниви, беше тема на разговор на вчерашната средба на водокорисниците и градоначалникот на општината Зоран Ногачески со претставници на Регионалната подружница на државното водостопанство, „Црни Дрим” од Охрид.
На средбата водокорисниците ги изнеле проблемите кои ги имаат со нефункционалното наводнување на земјоделските површини. Пред почетокот на сезоната за наводнување каналите за наводнување не се исчистени, практика што се повторува години.
– Ги разбирам и во целост ги поддржувам. Всушност и јас на оваа средба присуствував во својство на водокорисник. Минатата година, како и другите водокорисници и јас не успеав да добијам вода за наводнување на мојот овоштарник, рече Ногачески.
Тој истакна дека заклучоците од средбата биле да се оствари итна средба министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и Директорот на државното водостопанство.
– Апелирам, оваа средба да се оствари и да се преземат конкретни активности. Време за дејствување речиси и да нема. Во спротивно, последиците за земјоделците ќе бидат катастрофални, изјави градоначалникот Ногачески по средбата.