Дрвениот родилен стол стар четири децении е заменет со нов во акушерското одделение во светиниколскиот Здравствен дом „Примариус д-р Гаврил Гаврилски“. Донацијата пристигна од Ротари клубот од Свети Николе помогнати од бизнис заедницата, а чини 4.800 евра со платен ДДВ.
– Многу градоначалници на 1-ви јануари доаѓаа да дадат подароци на првиот жител и неговата мајка во Свети Николе, а ние постојано баравме од нив помош за реновирање и опремување на Одделението за акушерство. Годинава имавме среќа актуелниот градоначалник, Сашо Велковски освен што ни вети конкретно да започне со реализација на ветеното. Цели четири месеци набавката на родилниот стол беше тема на која се работеше. Велковски не препорача кај Ротари клубот и еве денеска во родилната сала го имаме посакуваниот стол што сметам дека ќе биде мотив родилките од Свети Николе да се породуваат на него наместо да одат во Скопје, Велес или Штип, рече д-р Надица Стојковска специјалист по гинекологија и акушерство.
Членовите на Ротари клубот на Свети Николе кампањата ја насловиле „Да не се избрише Свети Николе“. Претседателот на Ротари клуб-Свети Николе, Ангел Димитров истакна дека ова е првата, но не и последна донација.
– Посакавме на изводот на новородените деца во графата роден град да го пишува токму името на овој град, на Свети Николе, затоа што, за жал, на многу од нивните изводи на родени се впишани соседните општини или Скопје. Како најмлад Ротари клуб во државата со оваа и со идните наши донации сакаме да помогнеме во обнова на севкупната состојба во нашиот Здравствен дом, изграден како и останатите, во другите градови, во времето на поранешната држава Југославија. Почнавме од родилниот стол и сакаме да ги охрабриме родилките да ги раѓаат своите деца во Свети Николе, рече Димитров.
Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски им се заблагодари на Ротари клубот, на бизнис заедницата но и на граѓани кои донирале средства за купување на родилниот стол.
– Се надевам дека создаваме услови за сите родилки во Свети Николе да се породуваат во ова акушерско одделение, значи во својот град. Идејата беше на д-р Надица Стојковска а заедно со менаџерскиот тим на Здравствениот дом се обидуваме да обезбедиме посовремени услови. Оваа донација е потврда дека сите заедно сме успеале, вели Велковски.
Славица Панева, директорка на Здравствен дом „ Гаврил Гаврилски “ од Свети Николе ја поттикна заедницата и донаторите наредни помошти да ги насочат кон смена на медицинскиот мебел и апаратура, промена на подот и варосување на одделението. Во светиниколскиот Здравствен дом преку донации досега е обновена лабораторијата, прозорите на зградата на јавната здравствена установа, чаршавите, ќебињата и постелнината за новородените бебиња на одделението. вдј/цр/