На неколку дена пред почетокот на изборната кампања за претседател на државата, Стево Пендаровски има најголема поддршка од граѓаните со 28,8 процент, пред Гордана Силјановска Давкова со 26,6 проценти и Блерим Река со 7,1 процент, покажа истражувањето на тема „Рејтинзи на претседателските кандидати“ спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 27 март, на 1.110 полнолетни испитаници на ниво на целата земја.
Истражувањето на јавно мислење на тема „Рејтинзи на претседателските кандидати“, е спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која свои коментари и ставови за анкетата споделија Петар Арсовски, политички аналитичар, Илина Мангова, директорка на ИРИ и Алберт Муслиу, политички аналитичар.
Според Илина Мангова, директорка на ИРИ, оваа анкета дава индикација какво е сега расположението кај гласачите. Но, како што вели, резултатите многу зависат и од тоа каква мобилизација ќе извршат кампањите на тројцата кандидати.
Учесниците во емисијата се согласни дека ни претстои интересна претседателска кампања во која дебатите ќе одиграат значајна улога во дефинирање на ставот кај неопределените гласачи. Иако политичките наративи во моментот се уште се профилираат, низ јавните настапи ќе го дознаеме ставот за меѓународната политика и, како што вели Арсовски, електоратот ќе одлучува дали цената за Преспанскиот договор ќе биде посилна од придобивките? и дали ова што се направи досега треба да се продолжи понатака или треба да се прати порака дека треба да се ревидира?“.
Резултатите за оваа анкета се под претпоставка дека во Македонија живеат 1 400 000 гласачи, базирано на искуствата од претходни истражувања на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС).