Општата болница со проширена дејност од Гевгелија очекува годинава на работа да се вратат неколку специјалисти со што значително ќе се подобри здравствената заштита на пациентите во неколку гранки, најави в.д директорот Митко Крџев.
– Континуираната здравствена заштита моментално се одвива со зголемен обем на работа поради присуството на грипот и епидемијата на морбили, причини поради кои веќе подолго време функционира и таканаречената Дневна болница, со цел да ги изолираме болните од останатите пациенти, рече Крџев.
Во однос на здравствениот кадар кој треба да се справува со проблемите, директорот посочи дека од специјализација е вратен еден педијатар, кој заедно со педијатар од приватното здравство работат во Одделението за детски болести и дека наскоро се очекува враќање од специјализација на уште двајца педијатри, со што овој оддел ќе биде комплетиран.
Според најавите, во Одделот за гинекологија и акушерство по пат на спогодба ќе биде преземен специјалист од Клиничката болница во Штип, кој со постојниот ќе го исполнат законскиот минимум и ќе можат да обавуваат породувања во болницата во Гевгелија каде во текот на годинава се очекува да се вратат уште двајца нови специјалисти по гинекологија и акушерство, и постепено во одделни медицински гранки болницата да се екипира со сопствен кадар.