Со свечена академија, во Бизнис инкубаторот во Берово се одбележа 8 Април – Светскиот ден на Ромите.
Свое обраќање на академијата, имаше градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски, кој честитајќи им го денот на сите припадници од ромска националност од Берово, го истакна значењето на културните вредности и специфики на Ромската заедница.
– Ромите, како интегрален дел од нашето општество, се рамноправни со останатите граѓани и ги уживаат придобивките, да го негуваат својот јазик, да ги развиваат својата култура и традиции и активно да се вклучуваат во сите сфери од општествениот живот, рече Пекевски.
На присутните им се обрати и пратеничката Јагода Шахпаска, која ја истакна заложбата на државата, кон се поголема подршка на ромската популација и кон унапредување на меѓуетничката соработка.
Во рамки на одбележувањето на овој датум беше подготвена и културно-уметничка програма со настап на членовите на КУД ,,Димитар Беровски” од Берово.