Тече испораката на огревно дрво за следната грејна сезона и сите количини кои се платени од почетокот на годината се испорачани, информираат од ЈП „Македонски шуми“, Подружница Шумско стопанство „Беласица“ од Струмица.
Според директорот Љупчо Митров, од јануари годинава тече потпишувањето договори за испорака на огревно дрво со граѓаните и досега се направени договори за испорака на околу четири илјади кубни метри буково огревно дрво, од кои на потрошувачите се испорачани 700 кубни метри, односно количината која е платена.
-За неколку денови ќе почнеме и со испорака на дабово огревно дрво. За разлика од претходните години почнавме многу порано со сеча заради добрите временски услови. За оваа сезона на располагање имаме пет илјади кубни метри даб и седум илјади кубни метри бука. Со овие количини ќе ги задоволиме потребите на граѓаните од Струмичкиот регион, вели Митров.
Додава дека по извршената уплата од страна на граѓаните или правните лица испораката се врши веднаш.
Инаку, цената на огревното дрво останува иста како лани. Еден просторен метар дабово огревно дрво се продава за 2.470 денари, а буката за 2.370 денари. На овие цени се доплаќа уште 150 денари за превоз за секој метар просторен огревно дрво.