Граѓаните на Куманово, денеска имаа можност да проследат повеќе музички нумери во изведба на воениот орекстар, да ја проследат точката на припадниците на баталјонот за почести „Егзирцир“ и да се запознаат со дел од вооружувањето и опремата на Армијата кои беа изложени од страна на припадниците на армијата пред платото на комплексот „Базени“ во рамки на отворениот ден на Армијата за граѓаните.

Настанот, кој го организираат Министерството за одбрана, Армијата и локалната самоуправа е дел од активностите со кои се одбележува неделата на НАТО, 70 – годишнината од основањето на Алијансата и напредокот на Република Северна Македонија кон членство во НАТО.

Пред присутните се обрати командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), генерал- мајор Павле Арсоски.

– Со денешниот настан, организиран од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, сакаме и тука во Куманово да бидеме заедно со граѓаните во одбележувањето на Денот на НАТО, 4 април, кој оваа година е значаен јубилеј за Алијансата-70 годишнина од нејзиното основање од 1949 година, рече во говорот, Арсоски.

Тој истакна дека и за него и за старешните е посебно задоволство да се биде во Куманово, град востаник и борец, меѓу борбените и слободољубиви кумановци, кои секогаш искажуваат почит за својата армија.

– Во годината кога северно-атлантската алијанса го прославува овој важен јубилеј, нашата држава после речиси тридецениски напори, конечно е во еден активен процес на интеграција во НАТО како нејзина триесетта членка. Во изминатиот период многу нешта се кажани за НАТО и за нашето зачленување во НАТО, многу работи се пишуваат и објавуваат секој ден, дел од нив како поддршка за овој процес, а дел и како критика. Сепак, има потреба да се истакне дека нашата најважна, национална, стратешка определба, дефинирана со одлуката на Собранието уште во далечната 1992 година е пред оставрување и тоа е факт, рече командантот на ЗОК.

Тој во говорот пред граѓаните, истакна дека во животот секогаш постојат повеќе избори и решенија, но во делот на надворешната политика и безбедноста на татковината, од нејзиното осамостојување па до денес, зачленувањето во најмоќниот воено-политички сојуз, на најнапредните демократии и најразвиените економии во светот немало и нема алтернатива.

– Во таа смисла, само ќе го повторам тоа што сите го знаеме. НАТО е воено политичка алијанса на држави со заеднички вредносен систем во однос на демократијата, човековите слободи и права на просперитет и слободна економија, рече Арсовски.

Тој додаде дека Армијата пред граѓаните ќе презентира дел од воената техника со која Армијата во овој момент располага, гардата и воениот орекстар ќе презенираат дел од вештините и опремата со кои владеат.

– Но треба да се има во предвид дека во годините кои се пред нас, согласно планираното зголемување на буџетот на одбраната и плановите за опремување и модернизација, ќе имате прилика да ја гледате нашата Армија со се помодерна борбена техника и поголема борбена моќ и способност за оставарување за нејзината мисија, за одбрана на суверенитетот на татковината и способна за исполнување на нејзината улога како членка на НАТО, армија во која служат жени и мажи, граѓани на нашата држава со добар стандард и достоинствени услови за живот и работа, рече Арсоски.

На отворениот ден, освен граѓаните на Куманово, присуствуваа и претставници од ГШ на Армијата, и претставници од локалната власт.