Презентацијата на културно-историското наследство на југоисточниот дел на Македонија беше повод гевгелискиот Факултет за туризам и бизнис логистика денеска да ја организира традиционалната 11-та туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот.

-Ова е сведоштво кое не доближува и не внесува во нашето минато. Историјата векови наназад ја одбележува културата на нашите предци, а ние како нивни наследници ја чуваме и ќе им ја пренесуваме на нашите поколенија, рече во своето обраќање деканот на факултетот, Никола Димитров.

Меѓу гостите кои ги видоа изложените предмети и гастрономските производи изработени од студентите и нивните ментори, беа првиот човек на факултетот Нако Ташков, градоначалниците на Гевгелија и Дојран, Сашо Поцков и Анго Ангов, претставници на општински организации, студенти и многу заинтересирани граѓани на Гевгелија.

Во рамки на настанот беше презентирана Монографија издадена по повод 10-годишнината од постоењето на факултетот, како и нацрт-стратегијата за развој на туризмот во Општина Гевгелија за наредните пет години од авторите Марија Магдинчева Шопова и Васко Шутаров.