Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски и неговите соработници денеска ја посетија Општинската изборна комисија во Дебар, каде што од претседателката Ермира Бакали беa информирани за активноста на ОИК за локалните избори за градоначалник.

Бакали информираше дека до овој момент се преземени сите потребни активности во согласност со Законот.

Директорот на Националниот демократски институт Крис Хершоу на средбата се интересираше за изборната кампања како за претседателските кандидати, така и за локалните избори за градоначалник на Дебар.

На средбата е изразено задоволство од мирната и коректна кампања помеѓу кандидатите за градоначалник на Дебар Хекуран Дука од ДУИ и Арбен Аголи од Алијанса за Албанците.

Бакали информираше дека во Општината Дебар вкупниот број на избирачи е 18.625 додека бројот на изборни места е 27.

Дерковски рече дека тој е задоволен од досегашната изборна кампања како и за претседател на државата така и за градоначалници на Дебар , Охрид и Ново Село.

– Ние сме задоволни и од балансираното известување на медиумите на ниво на држава, рече Деркоски, изразувајќи очекување дека тоа ќе продолжи и во наредните денови.

Во врска со динамиката на претседателската кампања, претседателот на ДИК наведе дека, кампањата се спроведува мирно со мали инциденти , но, како што рече, во целина до сега кампањата е добра.

Имено, претседателот на ДИК во Дебар оствари средби и со претставниците на изборните штабови на двајцата кандидати за градоначалник на Дебар Хекуран Дука од ДУИ и Арбен Аголи од Алијансата за Албанците.