Околу седум милиони евра државата ќе издвои за развој на осумте плански региони, а 11 отсто од нив или околу 700.000 евра се наменети за Источниот плански регион, најави денеска при посетата на Општина Карбинци заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески.
– Веќе е во фаза на одобрување првиот дел од програмата за развој на регионите, што оди преку Центрите за развој на планските региони. Има вкупно шест проекти. Сите шест се одобрени, сега се чека нивно финално одобрување и објава во Службен весник и мислам дека Центрите и општините ќе имаат време да продолжат со реализација на овие проекти, рече Павлески.
Градоначалникот на Општина Карбинци Јордан Насев рече дека Карбинци очекува и 65.000 евра од ресорното министерство за финансисрање на уште два проекта.
– Едниот проект е наменет за изградба на повеќенаменско игралиште во село Радање. Вкупната вредност на проектот е 4,2 милиони денари, од кои 3,5 милиони се средства од Бирото за рамномерен регионален развој, а остатокот учество на нашата општина. Вториот проект е изградба на пристапен пат помеѓу селата Оџалија и Радање во должина од 800 метри, посочи Насев.
Тој забележа дека со овие средства Општина Карбинци ќе реши повеќе инфраструктурни и комунални проблеми во селата.