Ромите на панел дискусија синоќа во Велес испратија порака до надлежните за решавање на нивните горливите прашања. Од надлежните во општината побараа да се обратат до МОН, 200 деца Роми факултативно да го изучуваат ромскиот јазик и култура во училиштата во Велес.

Тие побараа и да се урбанизираат населбите каде што живеат Ромите, бидејќи во 21-от век се се уште со кал и неурбанизирани.

Ферди Исмаили извршен директор на Асоцијацијата за демократски развој „Сонце “ од Тетово, кој е организатор на панел дискусијата заедно со локалната акциска група, а во рамките на Ромактед програмата, што се реализира и во Велес, информира дека Општина Велес со Хабитат и Општина Шуто Оризари веќе аплицирале на ЕУ фондовите за половина милион евра. Тој информира дека со тие пари што ги очекуваат треба да се изработат детални урбанистички планови во населбите во кои живеат Ромите.

-Верувам дека Општина Велес во наредната година ќе стане една од проектните општини каде ќе се изработат вакви планови, а што ќе значи и подобри услови за живот на ромското население во овие неурбанизирани делови од градовите, потенцира Исмаили.

Тој соопшти дека со надлежните од Општината, разговарале за клучните прашања на Ромите поврзани со нивната култура и јазик и идентитет за развој на ромската заедница во Велес.Тој потенцира дека во таа насока веќе постигнале и прв начелен договор за решавање на овие прашања.

-Во таа насока преку програмата Ромактед во соработка со МОН од нашата Ромска заедница веќе вработивме образовен медијатор за проблемите во образованието и една девојка вработивме во Министерството за труд и социјална политика, а која ќе им помага на Ромите во остварување на прашањата од социјална политика, појасни Исмаили.