Кандидатот за претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова во својата програма преку која го бара гласот на граѓаните предвидува иницирање на уставни измени со цел зајакнување на највисокиот правен акт во нашата земја и отстранување на неговите слабости.

- Согласно уставот, претседателот на Републиката е овластен предлагач на уставни амандмани (чл. 130). По повеќе од 30 години научни истражувања и стручни анализи на содржината и имплементацијата на Уставот, а во светлина на компаративните уставни системи, сметам дека е дојдено време за преиспитување на низа уставни решенија кои во праксата се покажаа како Ахилова пета на македонската демократија. Ќе наведам само неколку примери: јакнење на делот на уставот за човековите права, со посебна афирмација на детските права, лицата со посебни потреби, еколошките права, итн.; јакнење на еднаквоста на сите индивидуи; ревизија на Уставот во светлина на европските интеграции; отстранување на нејаснотиите околу доделувањето на мандатот за состав на нова влада од страна на претседателот на Републиката; дилемите околу употребата на суспензивното вето од страна на претседателот; проширување на крајно лимитираната надлежност на Уставниот суд, особено во делот на заштитата на човековите права; отстранување на сите реликти од собранискиот систем, особено во смисла на поединечно гласање за секој министер наместо за тимот на премиерот, што доведува до неможност тој сам да разреши министер без согласност на Собранието; проблемите околу самораспуштањето на Собранието, односно воведување принцип според кој Собранието и Владата доаѓаат и заминуваат заедно; преиспитување на потребата од цензус во вториот круг на претседателски избори заради избегнување парализа на системот, односно елиминирање на овој услов согласно препораките на Венецијанската комисија; редефиниција на воената и вонредната состојба, односно креирање уставен основ за кризна состојба и за менаџирање на кризи, стои во изборната програма на Силјановска.

Силјановска додава и дека уште на самиот старт на нејзиниот мандат ќе бидат формира експертски групи со професори по уставно право кои ќе работат на лоцирање на слабостите во Уставот на Македонија.

- На почетокот на мандатот ќе формирам експертска група составена од врвни експерти по уставно право од земјата и од странство, која ќе ги лоцира слабостите на сегашниот устав и ќе предложи решенија, во вид на амандмани или можеби и од донесување нов устав. Уставните реформи, во секој случај, ќе имаат за цел да овозможат функционална демократија согласно највисоките европски стандарди. Функциите на претседателот не треба да се менуваат, односно прошируваат, туку да се прецизираат. Нашиот уставен систем е и треба да остане парламентарен, но со претседател избран на непосредни избори, стои како ветување на Силјановска.

*Платено политичко рекламирање