Кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски заедно со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев вечерва беа на трибина во Кавадарци. Заев пред присутните зборуваше за интеграцијата и економските придобивки.

Да се оди напред заедно, здружени. сплотени, тогаш има успех. Патот по кој сме тргнале е единствениот, рече Заев, повикувајќи на поддршка за Стево Пендаровски кој ќе биде претседател на сите.

Ги повика и опонентните зашто, рече, оваа е и нивна татковина. – Сите сме должни да мислиме за татковината. Оти сите сме должни да мислиме за децата дома што ги имаме, за домот. Сите да се здружиме оти доста ни беа 27 години тапкање во место и шлапање во кал. За политики, економски прашања, здравствени политики, образовни политики, политики од областа на културата, на социјалната заштита… Можеме да бидеме различни, но за татковината треба да му ја мислиме сите. И да носиме одлуки сите. Затоа што секоја поединечна одлука зависи каква ќе ни биде иднината, наша заедничка, како народ, како нација, како држава, рече Заев и додаде дека ако целиот свет го поздравува тоа што е сработено, значи дека е избран вистинскиот правец.

Затоа, порача лидерот на СДСМ, треба да се избере Пендаровски. – Ќе имаме претседател со кој сите ќе се гордееме и сите ќе го доживееме тоа што го посакуваме – добра земја што чекори напред во НАТО, во Европската Унија, со економски стандард, нагласи Заев пред граѓаните на Кавадарци.