Вршителот на должноста градоначалник на Охрид да ги спроведе своите со закон утврдени надлежности и да ги стопира нелегалните градежни активности околу реконструкцијата на Али пашината џамија во центарот на градот, бараат членовите на Здружението „Совест“ во писмото адресирано до в.д. градоначалникот, во кое го потсетуваат на неговата законска обврска да ги спроведува законски донесените одлуки што ги налага важечкиот Детален урбанистички план, усвоен од Општината во 1995 година.
Според „Совест“ проектот за реконструкција на џамијата е во колизија со програмските цели и ограничувања што ги налага важечкиот ДУП. Во истиот, како што посочуваат, не е оформена градежна парцела околу објектот, во дворното место околу џамијата планирани се јавни пешачки комуникации, на самата површина за градба основното тело на џамијата не е предвидено проширување за изградба, односно не е предвидена можност за надградба на постојното минаре, не се предвидени помошни градби такви какви се веќе реализирани во дворното место.
Од друга страна, потенцираат дека реализацијата на ДУП е законска надлежност и законска обврска на Општина Охрид.
-Реализацијата на Деталниот урбанистички план, неговите програмски цели, планските ограничувања и неговата реализација, се во целосна надлежност и приоритетна цел на Општина Охрид, стои во писмото на Здружението, во кое истовремено се бара од в.д. градоначалникот да го повика Републичкиот градежен инспектор да донесе извршно решение за запирање на градежните активности да ја повика Управата за заштита на спомениците на културата да го поништи конзерваторското одобрение за кое се наведува е со истечена важност и како такво не може да биде покритие за извршување на нелегалните градежни активности од страна на инвеститорот.
Прашањето околу реконструкцијата и конзервацијата на Али пашината џамија веќе речиси три години е актуелно во Охрид, не само заради фактот што се спроведуваат градежни активности надвор од одобрението добиено од Управата за заштита на спомениците на културата, туку најмногу поради тоа што се гради 32 метарско минаре на објектот кое како такво не постои повеќе од еден век.
Претставниците на Граѓанското здружение „Совест“ уште при првото нивно појавување пред јавноста истакнаа дека немаат ништо против реконстркција на верскиот објект, туку се спротивставуваат на менување на надворешниот изглед на џамијата со минарето за кое сметаат дека ќе ја смени визурата на тој дел од центарот на Охрид.