Квалитетна храна не секогаш значи безбедна храна. Може да имате безбеден хамбургер што не е контаминиран со хемиски адитиви или бактерии, но тоа не значи дека е квалитетен за јадење. Ова го истакна магистерот во областа квалитет и безбедност на храна, Моника Стојанова, која денеска пред средношколците од Скопје водеше едукативна работилница на тема „Консумирај безбедна храна, добиј половина здравје“ во организација на Домот на културата „Кочо Рацин“.
Работилницата е поддржана од Град Скопје, а целта е да се едуцираат и запознаат младите во правилниот избор на храна.
– Сите средношколци во иднина можеби ќе станат правници, економисти, инженери, но она што е важно е дека на крајот на денот сите сакаат да седнат и да јадат нешто убаво, вкусно, квалитетно, ама мора тоа да е безбедно затоа што на тој начин си го заштитуваме пред се нашето здравје, и здравје на луѓето околу нас. Двата клучни поими што се споменуваат се квалитетна и безбедна храна. Квалитетна храна значи дека ставаме акцент на нутрицидниот состав на храна, колку протеини, јаглени хидрати или масти содржи намирница што ја јадеме, но кога зборуваме од аспект на безбедност на храна, мислиме на тоа дали храната е контаминирана со страни тела или е безбедна за јадење, рече Стојанова.
Посочи дека ако имаме квалитетен оброк што содржи соодветна количина на јаглени хидрати не значи дека тој оброк е и безбеден, затоа што можеби содржи и некоја бактерија во својот состав.
– Може и да имате безбеден оброк што не е контаминиран, ниту со хемиски адитиви ниту со некои бактерии, мувли, не значи дека тоа е квалитетно. Може да зборуваме за безбеден хамбургер, супер е, одлично е направен, но не е квалитетна храна. Најмногу треба да се внимава на чистата храна, правилно да се зготви, да се чува на пропишана температура, да се користи исправна вода и свежи намирници. Лицето кое работи со храна секогаш треба да носи заштитна капа, да користи правилно заштитни ракавици и секако, недозволени се лакирани нокти. Секое вработено лице кое е болно, кива или кашла, се отстранува од производството, појасни Стојанова.
Додаде дека во вработените во земјава најчесто не се придржуваат до наведените правила поради недоволна обука, но доколку некој потрошувач наиде на ваков случај, мора веднаш да реагира за да се зголеми свеста кај луѓето.
Според неа, најнебезбедна храна за консумирање во ресторан се парчиња лимон, коцки лед и зачини што се служат во отворени садови.