Со повеќе почести, во прилепската касарна „Мирче Ацев“ денеска беше одбележан 10 април, денот на Артилерискиот баталјон, воедно и 27-годишнината од неговото формирање, зашто вториот мешовит артилериски полк, како прва артилериска единица по формирањето на АРМ е формиран во прилепската касарна во 1992 година.
На манифестацијата присуствуваа високи претставници од АРМ, поранешни команданти, од Сојузот на борците, од прилепската локална самоуправа.
Обраќајќи се пред присутните, командантот на артилерискиот баталјон, потполковник Ѓорѓи Василески ги нагласи историјатот на баталјонот, активностите и постигнатите резултати.
-Обучени сме за извршување борбени задачи преку пружање масовна, брза и прецизна огнена поддршка на маневарските единици. Со оган и маневар да се бориме и да победиме во целиот спектар на операции за поддршка на мирот преку учество во ЛПБГ како прв деклариран борбен ентитет на АРМ во НАТО базенот на силите, рече потполковник Василески.
Според полковник Драган Ковачки, командантот на механизираната пешадиска бригада, единицата во својот состав има одлични професионалци со огромно искуство кои покрај своите редовни обврски и задачи активно учествуваат и во повеќе проекти и активности организирани од институциите, локалната самоуправа, од јавните и приватните претпријатија и од други цивилни организации.
-Артилерискиот баталјон денес има декларирано и свои единици кои успешно ги поминаа оценувањата на НАТО-тимовите, за ниво 1 и ниво 2 и добија највисоки оценки како дел од средната пешадиска баталјонска група, подготвени за изведување на сите видови операции во сложени услови надвор од нашата територија и предводени од силите на НАТО, рече полковник Ковачки.
По повод денот на артилериската единица, беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот, а водот на потпоручникот Драган Ристевски беше прогласен за најдобар и ги доби преодниот пехар и знаменцето на единицата. На општина Прилеп и на јавните претпријатија „Комуналец“ и „Водовод и канализација“ им беа доделени благодарници за посебен придонес во остварувањето на цивилно-воената соработка.