Координаторот на Секторот за соработка на Европската Унија, Никола Бартолини и постојаната претставничка на УНДП во Македонија, Нарине Сахакјан, денеска ревијално играа пинг-понг во Кавадарци со брачниот пар Делови, лица со телесен инвалидитет, во рамки на проектот „Преку спорт до подобар соживот”.
Проектот, што преку програмата за развој на ОН, го спроведува Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди од Кавадарци во соработка со „Прогрес плус“ и „Инфо сега“ од Кавадарци и коалицијата „Сега“ од Прилеп, е дел од регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан и е финансиран од ЕУ и Општина Кавадарци.
– Целта на проектот е да се вклучат лицата со попреченост и да се покажат нивните можности во општина Кавадарци, рече Анета Мишева, од „Инфо Сега“.
Билјана Георгиевска, проектен координатор за Македонија, посочи дека целта е да им се помогнеме на општините да ја развијат и подобрат соработката, комуникацијата со граѓанските организации, преку финансирање на такви проекти.
– Посебен акцент даваме на ранливите категории на граѓани. Се стремиме да има поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството. Треба да се надминат стереотипите, затоа што лицата со попреченост можат да бидат вклучени во секојдневниот живот, изјави Георгиевска.
Петар Гурев, претседател на „Прогрес плус”, додаде дека целта е лицата со попреченост да се отргнат од маргините на општествениот живот.
Во рамките на проектот, претходно беа спроведени едукативни работилници кои опфатија повеќе од 250 млади, на кои им беше укажано за потребите и можностите на лицата со попреченост, а се спроведе и натпревар во шах. Најавени се уште два натпревара, во атлетика и стрелаштво.