Сите советници на Општина Тетово глаасаа за прифаќање на идејниот проект за изведба на градска гасификациона мрежа на денешната 19-та седница на Советот на општината. Проектот пред советниците го презентираше претставник на фирмата „Филбис“ ДООЕЛ од Скопје, која била избрана на тендер за изработка и изведба на идејниот проект во декември 2018 година.
-Советот со ова даде зелено светло општината да продолжи со работа. Имаме работна група заедно со кабинетот на градоначалничката со што очекуваме од утре понатаму да се работи на спроведување на проектот. Во скора иднина треба да се одлучи дали ќе се формира јавно претријатие или моделот на јавно приватно партнерство за раководење со снабдувањето со гас, изјави Арсим Нуредини, раководител на Секторот за комунални дејности.
Според идејниот проект, низ Тетово ќе има примарна и секундарна гасодовна линија со вкупна должина од 25.000 метри гасоводни цевки. Според проценките на фирмата изведувач проектот ќе чини вкупно 3.070.000 евра.
-Сметаме дека финансии ќе се најдат, нема да има проблем околу наоѓањето на средства, беше одговорот на градоначалничка Теута Арифи на прашањето од советниците како ќе се финансира изведбата на гасодовот низ Тетово.
Советниците изгласаа одлука со која ќе се формира Туристичко информативен центар со подружници на Попова Шапка, Маврово и во Гостивар.