Пчеларите од Кривопаланечко попладнево имаа можност да слушнат кои се најважните работи во одгледување пчели во лоши временски услови, преку едукативниот документарен филм насловен „Пролетен развој на пчелите“.

Прикажувањето на филмот беше организирано од страна на Здружението за пчеларство „Пчела“ – Крива Паланка.

– Филмот е презентација на еминентен професор по пчеларство од соседна Србија, во кој се говори како да се пчелари во лоши временски услови и каков е развојот на пчелите во неповолни климатски услови во пролетниот период. Се посочува технологијата за пчеларство во такви услови и заштита на пчелните семејства, изјави Ацо Павловски, претседател на ЗП „Пчела“, Крива Паланка.

На состанокот беше разгледана и завршната сметка за 2018 година во која Здружението бележи позитивно работење.

– Здружението работи исклучиво со приходи од годишниот надоместок за членство, а минатата година добивме и грант од Општината, средства со кои организиравме пет трибини за едукација на пчеларите за современи апитехнички методи, информира секретарот на ЗП „Пчела“, Милош Славковиќ.