Кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати пред граѓаните во Општина Кисела Вода.

Денеска целиот свет се наоѓа во тешка криза. Прво ви криза е претставничката демократија уште од 2008 година. Зошто? Зошто тогаш излезе на виделина дека претставниците не секогаш ги претставуваат граѓаните туку си се претставуваат себе. Ние критичарите велиме дека е тоа олигархиски концепт, дека е тоа тиранија на мнозинството парламентарно и дека мора да се работи на негово менување. Што е лекот? Лекот е нови форми на партиципативна демократија, нови форми на кои луѓето ќе можат да бидат вклучени во процесот на одлучување на сите нивоа на локално, на регионално, на национално. Јас овој величествен собир овде го сметам за таква форма на директна демократија, ние сме овде да ве чуеме вас, ви сте овде да ги чуете нашите ветувања, ние сме овде да ве увериме дека се што ќе чуете ќе го запаметиме и ќе го спроведеме, за разлика од оние другите кои се што кажуваат веднаш забораваат, а потоа не се сеќаваат па дури и го негираат, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова објасни дека ги учи студентите дека изборите се начин на кој што се решава прашањето на легитимитетот или делигитимирање. Тие се одамна веќе делигитимирани оти кршењето на Уставот и законите значи делигитимирање. Како за пример ги образложи референдумот, промена на кривичен законик, одлуката за референдумот, законот за амнестијата кои се акти на кршење на Уставот и на законите.

Она што оваа власт стори, а немаше легитимитет за тоа е промената на името. Единствената промена што ја направија директно не засега сите нас. Тоа е болно, страшно бидејќи се што сме правеле во животот, се што сме читале, се што сме пишувале, се што сме сонувале било врзано за Република Македонија. Значи никој нема право, односно нема мандат, ако на изборите во изборната програма не го нотирал тоа дека ќе го прави потем да го спроведува. Тоа е она што ние го велиме теорија на мандатот, тие се водат на начелото „Фати го моментот. Земи се што ќе можеш. Вработи ги своите. Узурпирај ја економијата. Стави го Уставот в џеб. Биди покорен кон оние за кои што мислиш дека се посилни.“, појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова додаде дека има и криза на уставна демократија, бидејќи уставните промени може и треба да произлегуваат само од народот, од суверенот, не однадвор. Бидејќи оние кои нудат или оние кои сугерираат, или оние кои наредуваат уставни промени однадвор немаат демократски легитимитет за тоа. Така се вели во науката за уставното право, така се вели кога се повикува на владеење на правото.