Општина Јегуновце информираше дека во текот на денот нивните служби работеле на подигнување на смет и отпадоци фрлени на места каде поради тоа се формирале диви депонии. Денеска било исчистена депонијата близу Ратае, додека во текот на наредните денови ќе се работи и на останатите места кои се соочуваат со истиот проблем.

– Согласно програмата за чистење на дивите депонии, со ангажирана механизација пристапи кон пролетно чистење на дивите депонии. Денес се работи на расчистување на дивата депонија во населено место Ратае а согласно планот, ќе се чистат и останатите критични локации во општината, информираат од локалната самоуправа.

И градоначалникот на општината, Дарко Блажески ја посетил локацијата со цел да види како се одвиваат работите за подобрување на животната средина.

-Градоначалникот прво направи увид во работните активности потоа оствари средби со месното население со што упати и апел за совесно и правилно одлагање на својот отпад, со цел да се спречи создавање на диви депонии и да се сфати пораката дека заштитата на животната околина зависи од сите нас, истакнуваат од општината.

Сите потребни пари за расчистување на депониите се обезбедени од буџетот на општина Јегуновце.