Што поскоро надлежните да овозможат поголем број граѓани со дијабетес да го добијат најновиот апарт со инсулинска пумпа и сензори за мерење на шеќерот, порачаа жителите на Тетово на денешниот настан „Дијабетот и јас“ што се одража во организација на Здружението „Дијабет Полог“.

Ова метода се смета за вештачки панкреас, а претставува апарат кој се поставува на телото, мери гликемија и потоа во согласност со потребите му дава инсулин на организмот.

– Пумпата и сензорите се посебно добра метода за деца со дијабет бидејќи на некој начин е автоматизиран и олеснет процесот на мерење на шеќер и земањето инсулин. Воедно доколку се дава и инсулинот Деглутек кај децата ќе значи подолготрајно дејство и во текот на ноќта нема да има нагло паѓање на шеќерот односно гликемиите ќе бидат порегулирани и помирно ќе се спие, изјави Ирена Симовска, мајка на деца со дијабетес.

Во рамки на настанот беше одржано предавање од страна на докторот Александар Митов, кој зборуваше за здрава исхрана и здравиот начин на живот.

– Дијабетесот не е болест туку состојба која може да се контолира и да се лечи. Во нашата општина има 7.400 регистрирани заболени од дијабетес од кои 50 се дечиња. Затоа и целта на нашето Здружение е преку едукација, преку здрава исхрана, да постигнеме нешто да ја намалиме таа бројка која секојдневно расте за жал, рече Клара Сандева од Здружението „Дијабет Полог“.

– Дијабетесот е глобален тренд и во светот бројот на дијабетичари расте, а се врз основа на начинот на живот. Не се сменети гените туку поради брза храна, немање физичка активност и стресот кои најмногу придонесуваат за предијабетна и дијабетна состојба, рече докторот Митов.

Предавачот објасни и кои се симптомите на болеста, како најрано да се препознае, на кој начин да се третира и лекува.