Членовите на Здружението на слепи лица-Штип денеска на работилница се запознаа со статутот на своето Здружение.
Претседателот на Здружението на слепи лица-Штип, Драги Витанов рече дека оваа работилница е во рамките на проектот „Заедно посилни за подобар живот“, а се реализира во соработка со Здружението „Млади правници“ од Скопје, Фондацијата за поддршка на локалниот развој –Штип и данскиот Совет за бегалци.
Средствата, во висина од 9.500 евра се обезбедени од фондовите на Европската Унија.
– Нашиот статут е достапен за сите членови. Ние не го криеме во фиоките, а сега тој е достапен и во аудио-форма, вели Витанов.
Во Здружението на слепи лица членуваат околу 100 лица од општините Штип, Пробиштип, Радовиш, Карбинци и Конче. На денешната работилница присуствуваа и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и претседателот на Советот на Општина Штип, Јане Миланов.
Бочварски истакна дека многу е важно да се слушнат потребите и на членовите на Здруженијата, посочувајќи дека како резултат на соработката веќе во неколку населби во Штип сообраќајните знаци се поставени надвор од тротоарните површини, а исто така има и безбеден пристап на пешачките премини.
– Ние ќе продолжиме со овој проект и во останатите населби и во централното градско подрачје, со цел да им го олесниме движењето на лицата со оштетен вид, наведе Бочварски.
Миланов истакна дека советниците пред неколку месеци на барање на Здружението на слепи лица донеле одлука и за субвенционирање од 500 денари на месечните сметки за потрошена вода за пиење. Оваа субвенција веќе ја користат околу 40 членови на здружението.