Едно од клучните стратешки прашања околу кои се едногласни земјите-членки на ЕУ е квалитетот на високото образование, вклучително критериумите за избор на наставно-научниот кадар и научно-истражувачката работа. Денес во светот владее голема компететивност на овој план, за што зборува сето она што се случува во ЕУ, САД, Јапонија, Кина, но и многу помали држави, вели кандидатот за Претседател на Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
Според неа, во нејзиниот пет годишен мандат ќе биде максимално насочена кон кревање на високото образование на повисоко ниво, што практично е и нејзина професија.
- Во ЕУ се работи на изнаоѓање начини за градење и задржување на научниот кадар, од кој зависи економско-социјалниот развој на секоја земја. Ајде, сега да се запрашаме: каде на овој план се нашите професори? Каде се нашите научници? Во каква положба се наоѓаат високото образование и научната дејност во Македонија? Дали нешто е променето на подобро во насока на воведување критериуми за извонредност и повисоки издвојувања за научни-истражувања? Дали се приближуваме кон европските текови или и на овој план доминираат импровизациите? Доаѓам од таа сфера и ги знам проблемите кои останаа и покрај донесувањето на новиот Закон за високото образование. Точно е дека сме оправдано предмет на многу критики и дека мораме да покажеме поголем квалитет, но ми се наметнуваат неколку битни прашања. Дали некој води сметка за олеснување на работата на младите соработници и научни кадри и на професорите, кои треба да се ослободени од администрирање за да можат да дадат многу повеќе, а нивниот научен потенцијал да се развива? Дали некому му е грижа за ниското ниво на кое се наоѓа нашето високо образование, споредено со регионот и со Европа? Што се прави да се задржат најбрилијантните и од нив да се создаде наставно-научен кадар за иднината? Зошто државата не обезбедува стипендии за и онака прескапите магистерски и докторски студии? Зошто оние со понизок социјален статус се оневозможени да ги покажат сите свои таленти? Или, само ни преостанува да си ги гледаме студентите и да се воодушевуваме од нив кога гледаме какви врвни научни достигнувања прават кога ќе заминат далеку од дома? Не е доволно да се запрашуваме и бараме одговори, кои и не ги добиваме. Како да се глуви за важноста на образованието и науката, токму оние кои најмногу треба да се грижат за тоа; инаку, сигурно ќе забележевме некој позитивен тренд. И денес, најдобрите професори се препуштени сами на себе секогаш кога треба да обезбедат пристап до најнова литература, опрема и ресурси за емпириски истражувања или за учество на меѓународни конференции. Не, не е ова патот кој ќе нѐ приближи до европските текови во областа на образованието и науката.
Почитувани колеги, немаме време за губење. Не смееме да дозволиме попусто да се троши интелектуалниот и креативниот капацитет. Толку многу имаме да дадеме, не само на Македонија, туку и на Европа, па и пошироко. Затоа, ве повикувам да застанете со мене за заеднички да оствариме пат кон воведување вистински европски стандарди во образованието и науката. Јас, како Претседателка и една од вас, секогаш ќе бидам гласна за овие заложби, но и остварувањата, како на студентите, така и на младите научни кадри и нивните постари ментори. Попусто се само зборови и ветувања, доколку нема реализација. Јас ветувам отворена врата, слух и разбирање за сите ваши проблеми, а за доброто на сите нас, напиша Силјановска на својот фејсбук профил.
*Платено политичко рекламирање