Кандидатот за претседател на Република Македонија Проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Скопје.
Сиљановска Давкова ги поздрави граѓаните и им се заблагодари на нивната беспрекорна поддршка која и ја даваат, за да на 21 април и 5 мај влезе низ голема врата правото и правдината во Република Македонија, и да се стави крај на ова црнило кое владее во земјава.
Восхитена сум од глетката и инспирирана, неверојатна инспирација сте. Веќе неколку месеци одиме во Македонија и си го запознаваме народот, за жал јас не ни знаев колку прекрасен народ има во оваа земја. Не сум јас хероината, вие сте хероите, вие сте Македонија. Јас само ќе се обидам да бидам вашиот глас, вашиот ум, вашиот став, вашата порака, постојано ќе го кажувам дека сум со вас, дека не можам без вас, дека произлегувам од вас, и дека се ќе сторам за Македонците, за Албанците, за Ромите, за Србите, за Бошњаците, за Египќаните зошто сите вие сте мои граѓани, нагласи Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова појасни дека дојде мигот кога сите треба да се соочат со резултатите од катастрофалното речиси две ипол годишно владеење.
Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, очекуваше демократија, очекуваше владеење на право, очекуваше борба со корупцијата и криминалот, очекуваше битка со непотизмот, очекуваше европеизација ама таа не дојде. Единствената промена што ја направија е промената на името, најболната промена, истакна Сиљановска Давкова.