Кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова вечерва пред Скопјани посочи дека сета власт е во рацете на неколкумина. Тие таа ги нарече конзули. Меѓу нив првиот конзул, премиерот е надлежен за се. Се е во негова надлежност, дури стои на чело на совет за судски реформи, тоа е невидено, бидејќи никаде политичар води судски реформи, а да уверува дека целта му е независно судство. Мора сето ова во државата да се смени, истакна Сиљановска.
„Потсетувам основниот услов за чекорење кон ЕУ е владеење на правото. Власта не верува во правото, тие зборуваат само за политика. Нивната политика е надвор од правото. Нивната политика е надвор од Уставот. Нивната политика не води сметка ни за она тронка меѓународно задолжително право иако е тоа темелна вредност на уставниот поредок“, потсети Сиљановска Давкова.
Сиљановска Давкова истакна дека не се градат добрососедски односи со заборавено достоинство. Со згазено достоинство на еден народ, добрососедски односи постојат меѓу рамноправни држави. Меѓусоседски добри односи постојат меѓу пријатели. А, ние се што побараа од нас направивме. И уште си се уверуваме дека сме биле рамноправни.
- Деновиве дури слушаме дека ќе требало да ангажираат огромен човечки потенцијал и експертски за да може да се подготвиме за првите поглавја 23-24, за правда, за безбедност, за владеење на право и за независно судство. Ама ако велат дека 40.000 вработиле, што прави таа армија на вработени? Па несе ни усогласени премиерот споменува 40.000 административна војска, министерот за финансии вели дека се некаде 28.000, министерот за информатичко општество вели 25.000. Нашето прашање е каде се вработени тие луѓе, што работат, зошто нема ниту еден чекор кон европезаицијата, зошто освен Преспанскиот договор и спогодбата не видовме ниту една реформа. Знаеме зошто, зошто си ги вработија партиските војници. Тие не мора да исполнуваат строги критериуми какви што се бараат за администрацијата, а оние што ги исполнуваат, најшколуваните, најмладите, најумните и бегаат од Македонија, нагласи Сиљановска Давкова.