Претседателските кандидати, Блерим Река, Гордана Силјановска–Давкова и Стево Пендаровски денеска се соочија во дебатната емисија „Детектор“ на ТВ Сител. Во 80-минутната дискусија тие зборуваа за своите програми, но и за темите произлезени од истражувањата на јавното мислење што за „Детектор“ ги направи Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС): меѓуетничките односи, Преспанскиот договор, интеграциите, приоритетите, прашањето за амнестија и аболиција, партиските влијанија и условите за фер избори.
Кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата Пендаровски рече дека земјата мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО.
-На државата ѝ е неопходна внатрешна кохезија, што е во склад со мојот слоган „Заедно напред“. Значи, треба да ги оставиме зад нас сите поделби по етничка, верска и политичка линија и да се договориме околу една, две или најмногу три работи што се исклучително важни за нас и нашата држава. Резервна татковина немаме, а во неа ќе бидеме со еднакви права, обврски и одговорности. Оваа земја мора да биде демократска и евроатлански интегрирана во ЕУ и НАТО, порача Пендаровски.