-Верувам дека моите поранешни студенти, реформатори на ВМРО-ДПМНЕ, ги научиле лекциите од минатото и дека поинаку ќе се однесуваат, подвлече Силјановска, одговорајќи на прашањето во претседателската дебата на Телевизија Сител дали ако евентуално биде претседател на државата ќе ги спроведува политиките на партијата што ја поддржа нејзината кандидатура.
Таа рече дека ги критикувала политиките и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, од стручен и научен аспект и дека од тоа нема да се откаже.
-Ова водство на ВМРО-ДПМНЕ со тоа што отвори врата за мене, покажува реформски и демократски капацитети. Во разговорите дали да прифатам да бидам нивен кандидат, поставив услови – само ако сте подготвени да почнете со реформи од типот дека не ни треба влада со 26 министри, заменици, советници, дека ќе ги пренасочите парите на граѓaните, тогаш ќе прифатам. Ќе се себередуцирам и во привилегиите зашто тоа е вистински претседателски чекор. Тоа треба да биде политика на промени, потенцира Силјановска.