Албанскиот аналитичар Арменд Нухиу смета оти е лицемерно ДУИ да стои рамо до рамо во кандидатурата, а никаде да не го демонстрира наводниот консензуален кандидат Стево Пендаровски. Вечерва во емисијата „Отворено на Алфа“, Нухиу рече дека односот на ДУИ кон претседателскиот кандидат и кон електоратот ќе ја чини партијата но и Пендаросвки изгубени гласови.

- Нечесно е и лицемерно да не застанете зад кандидат кој сте го одбрале со владиниот партнер, а да не застанете на митинзи до него, да не му го споменувате името, да не лепите негови плакати, да нема државно знаме и други некои обележја. Требаше и лидерот Ахмети да биде на секој митинг со премиерот. Не ми се допаѓа начинот на кој ја тера ДУИ кампањата. Со тоа ќе изгуби и гласачи, оти луѓето разбираат, а сакаат и визуелно да видат дека лидерот на ДУИ е заедно со лидерот на СДСМ на митинг. За жал ова ќе го кошта и господинот Пендаровски во загубени гласачи меѓу симпатизерите, смета Нухиу.

Тој верува дека уште во првиот круг е можна победа на натпартиската кандидатка на македонската опозиција, Гордана Силјановска Давкова. За распределбата на гласовите на Блерим Река во вториот круг, и за пораките на лидерот на партијата што го кандидра – Зијадин Села- дека нема да поддржат македонски кандидат во вториот круг, Нухиу рече:

-Река не е човек како Села, тој е интелектуалец, амбасадор, и не би играл како што ќе му каже партијата што го поддржува. Ако Села го рекол она што го рекол, дека не би гласале за кандидат на македонската заедница тогаш нека му служи на чест, во 21 век. Со таква политика ќе останат заглибени во калта на национализмот уште долго време, порача Нухиу.