Стевче Стевоски вторпат се кандидира за градоначалничката функција, овојпат со поддршка на партијата Демократи. За себе вели дека е борец за правдата, бескомпромисен бранител на вистината. Препозналив е по неговиот став дека на Охрид му е потребна општинска полиција, која 24 часа секој ден во седмицата ќе дежура во одбрана на градот од самоволие, во сите области… Роден е 1967 година во охридското село Елшани, каде и сега живее со своето семејство. Дипломиран криминалист, завршил на Факултетот за безбедност во Скопје, на отсекот Борба против организиран криминал. Повеќе од 25 години работи во Секторот за внатрешни работи Охрид. Оженет е, татко на две деца.

Вторпат се кандидарате за градоначалник, зошто сметате дека сега сте вистинскиот избор за граѓаните на Охрид?

Во 2017 година слоганот „Живот за сите“ беше победнички слоган на цела територија на РМ на владеачката СДСМ. Но, за жал животот дојде за поединци т.н. политички профитери кои од секои избори остваруваат личен профит, а на штета на граѓаните на Охрид. Охрид не може повеќе да чека двете најголеми политички партии и понатака да ги лажат охриѓани поради што сметам дека јас како градоначалник ќе бидам чесен, праведен и посветен градоначалник на Охрид и охриѓани, стриктно ќе се почитуваат позитивните законски прописи со отворена борба против урбаната мафија, митото и корупцијата, како и заштита на Охрид и Охридското Eзеро по препораките на УНЕСКО.

Кажете нешто повеќе за вашата визија како во иднина под ваше градоначалничко водство ќе изгледа градот?

Охрид ќе биде град на светлината, културата, спортот, хуманизмот, безбеден град со регулирана јавна бучава односно град во кој граѓаните и приватниот сектор ќе бидат пред се.

Дали ги познавате приликите во локалната самоуправа, како ќе се справите со предизвиците?

Проблемите со кои се соочува локалната самоуправа ми се добро познати и истите се во доменот на моето соодветно образование и познавање на приликите во општината. Заради разрешување на тие напластени проблем ќе бидат ангажирани најдобрите архитекти, економисти, правници екологисти, туристички работници и други професионалци при што општината ке биде во функција на граѓаните и приватниот сектор.

Вие сте дел од институција во која владее строга хиерархија. Можете да направите паралела со општеството во целина, како треба да бидат поставени работите?

Во Охрид и Македонија најголем проблем преставува непочитувањето на донесените законски прописи, Уставот и основните човекови права. На Охрид му е потребен градоначалник со цврст карактер, правичен, законит кому почитувањето на законите и Уставот ќе бидат приоритет, бескомпромисен во борбата против урбаната мафија, почитувач на Законот за екологија и заштита на Охрид и околината по препораките на УНЕСКО, борец против поткупливоста и корупцијата во општината и јавните претпријатија оформени од општината.

Зошто охриѓани треба да гласаат за Вас, што можете да им ветите уште пред да седнете на градоначалничката фотелја?

Мојот даден збор пред граѓаните е закон и устав, над мојот збор е зборот на Господ и никој друг.

*Платено политичко рекламирање