Се подготвува проект за изградба на фискултурна сала во прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски“, нагласи заменик-министерот за образование Петар Арсовски при денешната посета на ова прилепско училиште.

Според Аросвски Министерството за образование, заедно со Агенцијата за спорт и млади и другите институции при Владата, интензивно работат на реконструкција на основните и средните училишта.

-Агенцијата за спорт и млади во наредниот период ќе гради 14 училишни базени, а заедно со Министерството за финансии обезбедивме средства за реконструкција на сите ученички и студентски домови во државата. Истовремено работиме и на осовременување на сите наставни планови и програми во средното стручно образование, со кои ќе стартуваме во септември, со цел за пазарот на трудот да обезбедиме многу поспремни и поквалитетни кадри. Во план е да изградиме спортска сала во ова училиште, се подготвува и проектот и се надеваме дека во најскоро време салата ќе биде изградена. Може да се пофалиме дека општината издвои 3,5 милиони денари во изминатата година. Реконструирани се тоалетите и повеќе од 10 училници и сето она што беше приоритет од страна на инфраструктурата, изјави Арсовски.

На средбата со директорката на училиштето, Кети Стевананџија заменик-министерот и градоначалникот разговараа за реализираните и тековните проекти, како и за проблемите со кои се соочуваат вработените и учениците во ова училиште.

-Разговаравме за образовниот процес во прилепските училишта и за тоа како да го подобриме образованието, како да обезбедиме повеќе нагледни средства. Во училиштето „Кире Гаврилоски“ разговаравме за реализираните проекти, но и за она што треба во најскоро време да се направи, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.