Вкупно 113 граѓани со право на глас од четирите општини од микрорегионот на Кочани ќе гласаат еден ден порано од регуаларниот датум за првиот круг на претстојните претседателски избори.
Толкав е бројот на пријавите за болни и изнемоштени лица, што како основани биле прифатени од страна на општинските изборни комисии, па согласно изборниот закон, овие лица ќе гласаат в сабота, во домашни услови. Најмногу од нив се во Кочани 57, потоа во Виница 36, во Зрновци 12 и во Чешиново-Облешево само осум.
– До истекот на законскиот рок за пријавување на болните и изнемоштени гласачи добивме 63 пријави, но поради некомплетни документи и неисполнување на условите, шест барања беа одбиени. Освен нив, не добивме пријави од лица кои се наоѓаат на издржување казна во притвор, а кои би сакале да го остварат своето гласачко право, истакна Марија Гоцева, претседател на Општинската изборна комисија во Кочани.
Што се однесува до другите општини од источниот плански регион, најмногу пријавени болни и изнемоштени има во Делчево, каде наместо на избирачките места, во своите домови ќе гласаат 192, а во Берово 98 граѓани.
Според информациите од Општинските изборни комисии во единаесетте општини во регионот, вкупниот број на прифатени пријави за болни и измноштени лица е 540, што е за околу 250 лица помалку во споредба со локалните избори во 2017 година.