Забрзано се гради новата детска градинка во штипската населба Сењак, каде денеска увид во градежните работи извршија министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Новата градинка, што е со капацитет за 200 деца од претшколска возраст се гради од септември минатата година, а треба да биде пуштена во септември или октомври годинава.
Градоначалникот Бочварски истакна дека со изградбата на градинката, Штип ќе го реши проблемот со листата за чекање за прием во градинките, а на овој начин ќе им се помогне и на родителите да немаат притисок каде нивните деца ќе бидат згрижени додека се на работните места.
– Инвестицијата е општинска и делумно е со поддршка од Бирото за рамномерен регионален развој, но и преку Министерството за труд имаме поддршка за внатрешно опремување на градинката. Оваа градинка ќе чини 930.000 евра, од кои околу 600.000 евра се од буџетот на Општината, вели Бочварски.
Царовска при денешната посета истакна дека е во Штип со цел да види како напредуваат објектите, но и реформите во делот на социјалната политика.
– Ме радува и тоа што локалните самоуправи се вклучени во процесите на остварување на оние 50 отсто вклученост на децата во градинките, што е и стратешка определба на Владата, бидејќи децата без претшколско образование потешко постигнуваат резултати во основното образование. Знаете дека Светска банка кажа дека сме на најниско ниво во делот на човечки капитал и токму затоа оваа инвестиција и инвестициите на локалните самоуправи ни даваат надеж дека како држава ќе се позиционираме во делот на подобрување на тој потенцијал, вели Царовска.
Новата детска градинка е на површина од 1.600 квадратни метри и е капитален објект, што се гради со средства од буџетите на општината, но и од централната власт.
Министерката денеска оствари средба и со членовите на Здруженијата на инвалиди и пензионери.